• ИПС Алумни - Регионална конференција во Скопје

    Од 11 до 13 април 2013 година, во Скопје се одржа третата ИПС Алумни - Регионална конференција под наслов „Наследството од ИПС во фокус: Преку активизам на здруженијата на меѓународната парламентарна стипендија до поголемо учество во политичкиот и општествениот живот во татковината“. На конференцијата организирана од страна на Здружението за парламентарна соработка - ИПС Македонија учествуваа 35 алумни стипендисти од 11 земји. Настанот беше поддржан од поширок круг на подржувачи на ИПС програмата - Германскиот Бундестаг, Собранието на Република Македонија, Германската Амбасада во Скопје, Фондацијата Фридрих Еберт и Фондацијата Конрад Аденаур. Целта на конференцијата беше, преку користење на стекнатите искуствата во поединечните земји, да се развијат предлози за интензивно вклучување на ИПС алумните во политичкиот и општествен живот во матичните земји. Во таа насока се дискутираше за две конкретни тематски приоритети: прекугранична соработка меѓу ИПС алумни здруженијата во регионот, како и основање на регионално ИПС здружение. 

    Конференцијата беше отворена од страна на претседателот на македонското Собрание, г. Трајко Велјановски, кој од неодамна под свое покровителство ги презема ИПС стипендистите од Македонија. Пратениците во македонското Собрание, г-ѓа Радмила Шеќеринска и г. Антонио Милошоски, ги поздравија заложбите на Бундестагот за политичко и демократско образование на младите интелектулци и нагласија дека потенцијалите на ИПС стипендистите досега не се доволно искористени од страна на соодветните државни институции. Претставникот на Германскиот Бундестаг, г. Марк Бомхоф, нагласи дека ангажманот на алумни стипендистите е важен за да се осигура долгорочниот успех на ИПС програмата. Тој исто така извести за новостите и перспективите на ИПС програмата. Во насока на зголемување на релевантноста на ИПС стипендистите, беше предложено основање на регионално ИПС здружение. Но, фактот за тоа дека не сите земји од регионот имаат основано алумни здруженија се испостави како голем проблем.

    Поради таа причина, едногласно беше одлучено првиот чекор да биде основање на регионален координативен одбор кој ќе делува како тело за контакт чија задача ќе биде во рок од три месеци да ги разработи целите и формата за регионалната соработка. Покрај тоа, координативниот одбор треба да обезбеди поддршка при основањето на националните ИПС здруженија. Завршни зборови на конференцијата и припаднаа на Н.Е. Гудрун Штајнакер, амбасадорката на Сојузна Република Германија во Македонија. Таа го нагласи значењето на ангажманот на младите луѓе за регионална соработка и изјави дека регионалното вмрежување на ИПС алумни стипендистите би претставувал чекор нанапред за целиот регион. Едно такво регионално вмрежување, од аспект на културната разноликост и со оглед на историските настани во регионот, е од суштинско значење за регионалниот напредок. 

    Спектарот на содржини и организацијата на конференцијата, за која извесија многубројни домашни медиуми, беа позитивно оценети од страна на учесниците. Македонските деликатеси, разгледувањето на градот, како и возењето со жичарницата до врвот на планината Водно се погрижија за доброто расположение и позитивни впечатоци кај учесниците. Пријатните временски услови како и живите дискусии и идеи ги мотивираа младите луѓе да преземат конкретни чекори кон унапредување на регионалната соработка. На тој начин, поранешните ИПС стипендисти ја претворија прекуграничната цел на ИПС програмата - промоција на демократските вредности во матичните земји во свое сопствено мото.

    Фотографиите направени за време на конференцијата се достапни на следниов линк: http://ipsalumnimk.imgur.com/all/